ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Театар, Текст: Промоција на монографија: Милица СТОЈАНОВА

За Институтот за театрологија

Сунчица Уневска: Театарот како модел на живеење
Анита Јованоска: Играм - само така постојам
Марија Зафировска: Театарот е нејзиниот живот
Јасна Франговска: Играм, значи живеам

______________________________________________________

Јасна Франговска: Играм, значи живеам

Со повеќеминутни аплаузи и долги извици на одушевување многубројната публика во Драмски театар долго ја поздравуваше актерката Милица Стојанова, доајенка на македонскиот театар, на петочното чествување на нејзиниот професионален јубилеј - 55 години на театарската сцена!
Растреперена и возбудена, Стојанова долго отпоздравуваше немо повторувајќи ја својата благодарност до публиката што сиве овие години со задоволство ја проследува секоја нејзина појава на театарската сцена.
- Им посакувам на сите мои колеги да го доживеат ова - рече актерката што зад себе има 900 одиграни улоги - во театар, во радиодрамата, нејзината втора љубов, во ТВ-драми и серии, во играни филмови.
Педесет и петте години на Стојанова, поминати на театарската сцена, најнапред на Народниот театар во Скопје (кој потоа прерасна во МНТ) а потоа, од самото негово основање во Драмски театар, се исто толку години самопрегорна, бескомпромисна и бесприговорна посветеност на театарската игра, која за Милица не е само професија, туку и начин на живот.
- За мене театарот беше на прво место, дури и пред семејството и пред здравјето - умее да каже актерката што во својата досегашна кариера играла дури и во периоди кога излегувањето на сцена било ризично за нејзиното здравје.
Ваквата посветеност на театарот за многумина толкувачи на нејзиното професионално опстојување е храбра, дури и контроверзна одлука, зашто таква исклучивост околу професијата за многумина, дури и во овој трескавичен денешен контекст на беспоштедна бизнис-трка, е своевиден ерес.
- Следејќи го нејзиниот творечки пат, би рекол дека Милица е една историја, една институција, една школа, во која нема празни одови, во која се наоѓа место само за вистинска и длабока актерска уметност - вели за неа театарскиот критичар Иван Ивановски.
Смела на сцената, кревка во животот, храбра и бескомпромисна од една страна, ранлива од друга, Стојанова е комплексна актерка што, можеби токму поради таквата своја природа, може да одигра се и со еднаков успех - комедии и трагедии, модерни претстави и антички текстови. Строго дисциплинирана, упорна, вечно незадоволна од оствареното и во постојана потрага по перфекција, таа градеше ликови што освојуваа награди на југословенските и македонските фестивали и играше на сцената жени чија снага се раскажуваше и паметеше.
- Милица, тој вистински голем професионалец, кој служи за пример со своето многузначно театарско исјајување, е секаде исто голема и исто скромна - и во оваа „ментално мала“, умно сиромашна Македонија и таму во „големиот“ свет каде се уште не и го знаат името на земјата од каде што доаѓа - вели режисерот Наум Пановски, кој сега живее во САД и во чија претстава „Дејството на гама зраците врз сенишните невени“ Милица ја одигра антологиската улога на Бети Хансдорфер.
Со незамисливо големиот број улоги зад себе и со многубројни награди, Стојанова не застанува во својата посветеност на театарот. Ништо необично за некој што умее за себе да рече: „Играм, значи живеам“.

Време, 20.06.2005