ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

Народен театар „Војдан Чернодрински“ - Прилеп

Ана Стојаноска: „Балада за Големиот Костур“
Лилјана Мазова: За долината на стравот
Борче Грозданов: Лет од калта кон совршенството
Тодор Кузманов: Неисцелизирана претстава
Тодор Кузманов: „Стјуардеси“ – добар лет
Лилјана Мазова: Двојно празнување со двојно празно
Тодор Кузманов: Која е целта
Иван Ивановски: Драма за самоуништувањето
Лилјана Мазова: Раскошна радост на и од играта
Александра Бошковска: Свежина во поетиката на актерскиот израз
Александра Бошковска: По трагите на сеќавањата
Борче Грозданов: Жива македонска слика
Лилјана Мазова: Мјузиклот на македонските сцени

______________________________________________________

Александра Бошковска: По трагите на сеќавањата

Свежиот, подмладен и креативен ансамбл на прилепскиот Народен театар „Војдан Чернодри-нски“, повторно со огромна леснотија успеа да ја заведе публиката собрана на фестивалската изведба на „Крпен живот“, работена според романите на Стале Попов, а во драматизација на Блаже Миневски. Во волшебната атмосфера на „Заливот на коските“ (локалитет Градиште), под јасна месечина, се случи жива и течна интеракција меѓу изведувачите и гледачите која резултираше со нивно заедничко уживање.

Иако за драмска нишка ја има приказната од романот „Крпен живот“, на која се надоврзуваат епизоди и од другите романи на Стале Попов, претставата нема класична праволиниска драматуршка структура. Таа е составена од фрагменти, слики, моменти од еден заборавен живот, еха на нашето колективно генетско сеќавање. Тоа се најважните настани во животот на една заедница т.е. на еден народ: смрт, зачнување, раѓање, учење, освестување, ослободување, заборавање и пак смрт. Цветановски ги ниже како парчиња од колаж, кои повеќе наликуваат на драматизирани ритуали на секојдневниот исчезнат живот, отколку на вистински драмски ситуации. Во таа смисла и ликовите во претставата, не се карактери, туку чисти актери кои претставуваат, со став и нужна дистанца кон прикажаното. Игор Трпчески, Зоран Иваноски, Алекандар Тодески, Димитар Црцорски, Јасмина Мицовска - Станкоска, Наташа Наумоска, Марија Спиркоска - Илијески, Даниела Стојковска, Димитар, Ѓорѓиевски, Катерина Чакмакоска, Александар Степанулески и Никола Настоски ја потврдија способноста на овој ансамбл преку соодветен актерски израз да ја потенцира и дообликува зададената режисерска естетика, а Кирил Ристоски, докажа дека зборувањето ист јазик не е само привилегија на припадниците на една генерација.

Визуелниот дизајн на претставата комплетно го заокружува концептот. Сценографијата на Владо Ѓоревски нуди простор за игра, кој е крајно театрален. Во него ги има сите реалистични елементи од архаичното време, кои на сцената не секогаш реалистично се употребуваат. Всушност, старата трошна македонска колиба е разглобена на делови како театарска кулиса. Костимите се веројатно избор на режисерот, а извонредната и убедлива музика на Оливер Јосифовски. Иако уште на прв поглед неизбежно се поврзува со нашата исконска и во последно време болно потенцирана потреба за откривање на коренот и потеклото, претставата среќно успева да побегне од баналното, тривијалното и преексплоатираното. Таа силно евоцира и со тоа во нас буди запретани сеќавања, отсекогаш присутни, но само накратко заборавени. Им дава нов живот - ги прави свесни.

Дневник, 10.08.2009