ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Турски театар - Скопје

Турски театар - Скопје

Ана Стојаноска: Ововремената „Бура“ како стрип верзија
Ана Стојаноска: Поинаков Едип што се бори со своите болки и гревови
Лилјана Мазова: Кој ја убива љубовта!
Анета Јанчевска: Колективна и експресивна игра на девет актерки
Борче Грозданов: Тимон ги разбуди сетилата
Емилија Матаничкова: Нови барања и потреби на театарот
Цветанка Зојчевска: Одамна е се прочитано, ништо не е сменето
Ердоан Максут: Претстава од соништата со три принципи
Илија Упалевски: Пот и „недоразбирања“
Анета Јанчевска: Оригинален перформанс на живи тела и енергии
Лилјана Мазова: Знаци на заедништво меѓу актерите и публиката
Тодор Кузманов: Ведро и допадливо
Наташа Бунтеска: Теренциј весело се врати на домашните сцени
Тодор Кузманов: Забавно и непретенциозно
Анета Јанчевска: Во секој од нас понекогаш лежи по еден Тартиф
Борче Грозданов: За хипокризијата денес
Цветанка Зојчевска: Лицемерието како колективен чин
Лилјана Мазова: За измамите и лицемерството
Борче Грозданов: Поблиску - далеку од публиката
Лилјана Мазова: Процес за и до никаде
Иван Ивановски: Нов ветар на сцената
Борче Грозданов: Симпатични заткулисни игри
Борче Грозданов: Животна музичко-драмска приказна
Даниела Стојановиќ: Светски модерно, (по)нашински емотивно
Лилјана Мазова: За ѕидовите, за забраните, за реалноста во која нема место за сонување

______________________________________________________

Даниела Стојановиќ: Светски модерно, (по)нашински емотивно

Даниела Стојановиќ
(Кон премиерата на „Ромео и Јулија“ од Шекспир, во режија на Дејан Пројковски; продукција: Турски театар - Скопје)

Во Турскиот театар, по премиерата на изминатото Охридско лето, во петокот се одржа и скопската премиера на „Ромео и Јулија“, во режија на Дејан Пројковски. Беше тоа едно вонредно театарско доживување, кое на публиката на моменти сосема и го одземаше здивот.
Којзнае колку и какви се режиски верзии на неповторливата трагедија од Шекспир имало по светските сцени. И колку им било тешко на режисерите на истата љубовна приказна да испишат нова и поинаква постановка. На Пројковски тоа му успева. Со својот препознатлив и веќе етаблиран режисерски ракопис, тој прави осовременета и жестока драма, во која на површината излегуваат есенцијалната идеја и поттекст во кои се слави љубовта. Ако Диоген некогаш со фенер среде бел ден го барал човекот, ние денес, во времиња на тотално изгубени вредности, според Пројковски, со свеќа, исто така, треба да ја бараме љубовта. Меѓу нас и во нас. Сето дејство тој мошне умешно го редуцира и делумно го раскажува низ сонгови, со соло и хорски изведби и го сведува на играта на само шест ликови. Режисерот создава драма полна со енергија, со страдање и со лиричност. На сите овие опасни компоненти успева да им даде мерка и да ги денфува тамам толку за да не се претвори дејството во патос. Претставата ве ежи. Претстават ве разгалува. Неколкуте антологиски сцени на Шекспир: т.н. балкон сцена, сцената на балот, на разделбата и, дефинитивно, сцената во која Капулети ја убедува (измачува) Јулија да се откаже од Ромео и да се омажи за Парис, беа достојни и големиот Англичанец лично да се потпише под нив. Знакот на Пројковски говори колку и самиот текст.
Голема работа во ваквото читање и инсценација на Пројковски му завршиле композиторот и сценографот. Горан Трајковски направил драматична музика, која сама по себе е дејство. Тој создава оригинална музичка подлога, во која на моменти дискретно го цитира Сергеј Прокофјев ( од неговата неповторлива балетска музика на истата тема), особено со употреба на хорните, на моменти му додава призвук на Ориентот, на моменти е сосема модерна. Нормално: како што ренесансата ги имала своите Ромео и Јулија, ги има(ла) и источната култура. Ги има и денес.
Сценографијата на Владо Ѓоревски, за разлика од другите компоненти на претставата каде што нема потенцирани назнаки на времето во кое се одвива, но сепак ја доловува ренесансата, а што мошне убаво, на пример, го скицирал инвентивниот костимограф Благој Мицевски, е ултрамодерна. Ретко видена. Тој од сцената создава геометриски тела кои се движат во сите можни правци и ротираат. Но таа, сценографијата, не е таква поради себе самата туку во функција на актерската игра. А тие се можеби и најубавиот дел од приказната „Ромео и Јулија“. Младата и талентирана актерска екипа прави чуда. Пее, игра, дуби и виси на глава, се качува и се симнува, се врти и врти и притоа - глуми. Глуми одлично. Накратко, се работи за фантастична актерска игра, особено на ударната тројка: Зубејде Селимовска (Јулија), Селпик Керим (Ромео) и Џенап Семет (Капулети), но и на останатите Наџи Шабан (отец Лаврентиј), Ерин Јакуповиќ (Парис), Неат Али (Меркуцио) и Аксел Мехмед (Тибалд).
„Ромео и Јулија“ е, се чини, еден од оние исклучоци во нашиот, главно демоде и зачмаен театар, кој го следи она што е светски тренд: тотален театар, без пардон. Притоа облагороден со фина, наша, балканска емоција.

Вест, 21.10.2008