ФДУ
   Институт за театрологија
 Проекти
 Контакт
 Линкови


© Институт за театрологија, 2004.

[ фестивали | time-line | личности ] [ театролошки изданија | театар-текст мак-драма ]


Рецензии: Турски театар - Скопје

Турски театар - Скопје

Ана Стојаноска: Ововремената „Бура“ како стрип верзија
Ана Стојаноска: Поинаков Едип што се бори со своите болки и гревови
Лилјана Мазова: Кој ја убива љубовта!
Анета Јанчевска: Колективна и експресивна игра на девет актерки
Борче Грозданов: Тимон ги разбуди сетилата
Емилија Матаничкова: Нови барања и потреби на театарот
Цветанка Зојчевска: Одамна е се прочитано, ништо не е сменето
Ердоан Максут: Претстава од соништата со три принципи
Илија Упалевски: Пот и „недоразбирања“
Анета Јанчевска: Оригинален перформанс на живи тела и енергии
Лилјана Мазова: Знаци на заедништво меѓу актерите и публиката
Тодор Кузманов: Ведро и допадливо
Наташа Бунтеска: Теренциј весело се врати на домашните сцени
Тодор Кузманов: Забавно и непретенциозно
Анета Јанчевска: Во секој од нас понекогаш лежи по еден Тартиф
Борче Грозданов: За хипокризијата денес
Цветанка Зојчевска: Лицемерието како колективен чин
Лилјана Мазова: За измамите и лицемерството
Борче Грозданов: Поблиску - далеку од публиката
Лилјана Мазова: Процес за и до никаде
Иван Ивановски: Нов ветар на сцената
Борче Грозданов: Симпатични заткулисни игри
Борче Грозданов: Животна музичко-драмска приказна
Даниела Стојановиќ: Светски модерно, (по)нашински емотивно
Лилјана Мазова: За ѕидовите, за забраните, за реалноста во која нема место за сонување

______________________________________________________

Анета Јанчевска: Во секој од нас понекогаш лежи по еден Тартиф

(Кон претставата „Тартиф“ во режија на Дејан Пројковски, Турски театар-Скопје)
Анета Јанчевска
Турскиот театар ја реализира и втората премиера за оваа театарска сезона. По комедијата „Евнух“ во режија на Коле Ангеловски, на ред беше „Тартиф“ од Молиер, во режија на Дејан Пројковски. Имајќи веќе едно успешно искуство со „Гилгамеш“, Пројковски со драго срце му се врати на Турскиот театар. Резултатот од нивната повторна соработка имавме можност да го проследиме во четвртокот минатата недела. Најавена како комедија дел арте на Брехтовски начин, очекувавме многу поинаков „Тартиф“ од оној кој го знаеме.
А, знаеме дека Молиеровиот „Тартиф“ возбудува уште од далечниот 17 век. Знаеме дека Молиер мака намачил да добие дозвола за јавна изведба на своето дело. Дека црквата поради оваа стихувана драма го нарекувала „Ѓавол во човечко месо“. Исто така, познато е дека била донесена наредба секој оној кој ќе игра, кој ќе ја гледа претставата или ќе го прочита текстот веднаш да биде екскомунициран. За среќа, тие времиња се далеку зад нас, и Пројковски, актерите и сите оние кои во четвртокот присуствуваа на премиерата се живи и здрави и веќе се подготвуваат за нови проекти.
Причината поради која тогашната јавност се чувствувала толку силно засегната од она што Молиер си дозволил јавно да го искаже е отворената критика кон она што се нарекува хипокризија, бласфемија и лажни вредности. Тартиф е оној кој во себе ја открива моќта мошне вешто да манипулира со човековите слабости. Успева да создаде магичен круг на измами околу Оргон, неговата ќерка Маријана и неговата сопруга Елмира. А, кога тие конечно ќе ја откријат неговата намера, веќе е премногу доцна за враќање на нештата во нормала.
Со својот „Тартиф“, Дејан Пројковски очигледно настојувал да внесе новина во она што се нарекува специфичен режисерски потпис. Но, сепак, притоа не отстапил од склоноста да работи на амбициозни проекти кои говорат за големи и значајни теми. Во случајов си дозволил да направи необична, а можеби и неочекувана комбинација помеѓу она што се нарекува класична комедија дел арте, каков што е и самиот „Тартиф“ и Брехтовиот начин на играње театар. Поточно, суштината е во тоа што Пројковски одлучил „Тартиф“ да не ни го раскажува како комедија на ситуации, туку по теркот на Бертолд Брехт, односно нам како публика да не забавува, но и да не потсети дека треба малку подлабоко да размислуваме. Јасно да ни ја потенцира онаа „празнина“ помеѓу комфорот на гледиштето и строгите правила на сцената. За остварување на таа намера, режисерот му се поклонил и на Брехтовото правило дејствието да го помести помеѓу тродимензионален сет во огромен сценски простор, да користи функционална подвижна сценографија и да инсистира актерите да ги потенцираат гестовите преку физичка диспозиција на нивните тела. Но, пред се акцентот да го стави врз гротескното искуство на ситуациите. А, кога веќе бил сигурен дека го постигнал горенаведеното, продолжил да работи на анализата на Молиеровата намера да критикува одредена класа од општеството и одредени човекови карактериски, поточно недостатоци.
Улогата на Оргон му е доверена на извонредниот Мустафа Јашар, кој многу соодветно одговорил на она што го барал неговиот лик, односно создал јасна слика за лесно манипулативен човек кому не му недостасува наивност и слепило. Уште една одлична креација на Јашар. Неизбежна е да се забележи и доминацијата која со себе ја носи актерката Несрин Таир. Нејзината Дорин остави навистина силен впечаток со енергијата која ја прелеваше секогаш кога ќе се појавеше на сцената. Насловната улога на Тартиф, му беше доверена на Елјеса Касо. Уште една точно одиграна ролја на лик кој верува во своите лаги и кој има моќ да ги повлекува конците за да ја доведе ситуацијата во сопствена полза. И се разбира дека е невозможно да се занемари присуството на една актерка каква што е Бедиа Беговска. Играјќи ја Елмира, Беговска повторно ја потврди својата професионалност и беспрекорност во толкувањето на доверените ликови. Остатокот од актерската енергија ја надополнија и Тамер Ибрахим (Клеант), Џенап Самет (Дамис) и Филиз Ахмет (Маријана).
Одејќи по начелото „Тимот кој победува не се менува“, Пројковски за свои технички соработници повторно ги назначи Горан Трајкоски, чија што впечатлива музика беше изведувана во живо, Владо Ѓорески-сценографија, Благој Мицевски-костими и Кренаре Невзати-кореографија.
Приказната за големиот измамник „Тартиф“ уште еднаш доби своја вонвременска димензија, а Молиеровото перо повторно проговори за некои сурови вистини, кои во денешно време, за жал, немаат толку силна моќ сериозно да ја разбрануваат јавноста како во далечната 1664 година. Но, верувам дека намерата на Пројковски и сиот ансамбл на Турскиот театар не била таа да бидат забранувани и анатемисани, туку едноставно да  се обидат да ни ги отворат очите пред она што со себе го носи лицемерието. Да не натера да се прашаме дали можеби во секој од нас понекогаш лежи по еден Тартиф?

Македонија денес, 04.2006