Искра Гешоска (1968)
- театарски критичар, дипломира на Катедрата за општа и компаративна
книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје (1995), стекнувајќи го
звањето теоретичар на литературата. Од 1997 до 1999 година
посетува постдипломски студии по општа и компаративна книжевност.
Д-р Лидија Капушевска-Дракулевска (1962). Доцент на Катедрата за
општа и компаративна книжевност (Филолошки факултет „Блаже
Конески“), по предметите Романтизмот во
европските литератури и Симболизмот во европските поезии. Автор
е на книгите: Во лавиринтите на фантастиката
(1998) и Поетика на несознајното (2001). Приредувач е
на Антологијата на светската лирика (1994) во коавторство
со Маја Бојаџиевска, како и на антологијата на скопски раскази Ден
во Скопје (1998).
Елјеса Касо (1961), актер и доцент на ФДУ по предметите
Сценски говор со техника на глас, на класа
актери на наставен турски јазик. Во Турската драма при Театарот
на народностите работи од 1985 година. Настапува и во Театарот
на Ромите Пралипе. Има одиграно над педесет улоги.
Д-р Ермис Лафазановски (1961), виш научен соработник во Институтот
за фолклор „Марко Цепенков” - Скопје. Неговата научно истражувачка
активност може да се подели на практична (теренски истражувања и
експедиции) и теоретска (издадени преку педесетина статии од областа на
антропологијата, етнологијата, фолклористиката и литературата).
Лилјана Мазова (1947), театарски критичар, новинар и публицист, три
децении континуирано го проследува актуелниот македонски
театарски контекст, театарот од светот и македонскиот театар
во светот. Автор е на книгата Ковчег со време - театарски
патувања (2001), ТОЈ и ТИЕ - театарски сложувалки
(2003). Добитник е на голем број награди.
Д-р Мишел Павловски
(1964, Тетово), театролог. Вкупно има објавено околу 120 театарски
рецензии. Еден од авторите на дигиталната енциклопедија „Театарот на
македонска почва“. Трудови за театарот има објавувано во периодиката и
во специјализирани зборници. Во 1998 год. ја објави книгата Чиста
игра, посветена на биомеханичкиот систем на В. Е. Мејерхољд.
Добитник е на повеќе награди.
Д-р Нада Петковска (1949), книжевен теоретичар и театролог.
Професор на ФДУ по предметите Историја на светска драма и
театар, Компаративна книжевност и Теориска драматургија.
Објавува во периодиката, во зборници од научни собири, а како
посебна книга е објавен трудот (докторската дисертација) Драмското
творештво на Коле Чашуле (1996) и Драматуршки читања (2003).
Д-р Никос Чаусидис (1959), археолог. Доцент на Институтот за
историја на уметноста и археологија, по предметите Археологија,
Музеологија и конзервација, Историја на
културата на Македонија. Бил соработник на повеќе истражувачки
проекти
од областа на археологијата и етнологијата, учесник на повеќе
научни симпозиуми и конгреси со државен и меѓународен карактер.
Коавтор е и стручен раководител на мултимедијалниот ЦД-Ром Македонски
древности / Macedonian Antiquities.
Д-р Соња Здравкова - Џепароска (1969), наставник по
повеќе стручни дисциплини во МБУЦ „Илија Николовски - Луј”, Скопје,
постојан соработник во проектите на Институтот за театрологија
при Факултетот за драмски уметности. Учесник е на над десетина
симпозиуми и трибини во земјата и странство. Автор на книгите Карактерни
игри (1998), Дискурси на танцовата
уметност на ХХ век (2001) и Балетска драматургија
(2003).